“Can’t stop growing old…“

Placebo на радио,
и некој текст на кој не обрнувам ни внимание
само следам мелодија.
Почнувам да пишувам
повремено погледнувајќи низ прозорот
додека автобусот се движи
и забрзуваат слики
пропратени со среќа
знаејќи дека се враќам дома,
знаејќи дека некој ме чека,
некој што ми значи и го сакам.
Навираат спомени
и се молам што побрзо да стигнам, а
тогаш еден стих ми го пара увото –
се сепнувам,
се преместувам на соседното седиште.
Пробувам да пишувам,
уште еден обид,
повторно и повторно и повторно.. до недоглед
стихот ми ги пара ушите и одѕвонува
во мозочните вијуги:
“Can’t stop growing old…“

Социјална мрежа

Прашај се некогаш
Зошто Твитер
Зошто Фејсбук
Зошто Инста
Зошто социјална мрежа?!

Немаш одговор,
Му пркосиш на животот,
Без обид да сфатиш
Дека годините ти изминале
Без вистинските вредности.

Поважно е да имаш 100 лајка,
1000 ретвити и 500 срцкања,
Додека луѓето околу тебе се распаѓаат,
Родителите ти стареат,
А ти заблудан во мобилниот телефон
Не приметуваш.

Имаш заборавено како се комуницира,
Ништо во животот не те инспирира,
Чекаш љубовта на интернет да ја пронајдеш
Место себе си да се осознаеш,
Нови луѓе да запознаеш…

Остави го веднаш телефонот
и прави корисно нешто,
Послушај совет од лице не многу вешто.
Надвор има сѐ што ти треба –
Живот, фамилија и пријатели.

Потајно посакував да сум ѕвезда што паѓа

Мало дете со големи мечти бев,
сонував со будни очи
гледајќи неуморно во ѕвездите
секоја ноќ
и замислувајќи си желба дека и јас
еден ден
ќе ги допрам и ќе станам дел од нив.
Пораснав, а продолжив со копнежите
кон ѕвездите. Тие секогаш
беа мојата инспирација
за животот,
мирот,
љубовта,
среќата… Но, сѐ уште бев мала
во очите на ѕвездите,
а тие во моите, ех.. Недостижни…
Созревав, а копнежот – тој старееше
и дојде момент кога
остаре, а потоа престаре и почна да скапува,
да трули, трупајќи му проблеми
со “зрелоста” моја го прекрив,
го скрив во темнина, во бездна
и таму го закопав засекогаш.
Престанав да ги посакувам ѕвездите,
потајно посакував јас да сум ѕвезда,
но онаа што паѓа –
Со надеж дека некој
некаде, додека паѓам ќе ме улови
и ќе му исполнам желба.

Пријателе

Добар ден, стар пријателе WordPress.

На првата мака, чукнав на твојата врата со надеж-
Ќе ми отвори пријателот
Ќе си ја олеснам душата.
Можеби и солза ќе пролее, но
На олку убав, а сепак беден ден – не!

Пријателе не можам
Да ги гледам солзите и тагата
Во очите на моите блиски,
Не сакам да гледам кај што патат.

Во време на политичка криза тие
Стравуваат од емоции,
Се повредуваат,
Се уништуваат,
Ме уништуваат и мене,
Пријателе. Отвори ми ја вратата
Исчитај ми ги зборовите кои сами итаат
И дозволи ми тешкотијава со тебе пријателе,
Со тебе да ја споделам.

Пријателе несебично ќе ја делам среќата
Со секој еден, дури и со тебе, кој
Ми ја знае само мрачната страна во животот. Ветувам.
Ќе споделувам среќа, само кога тие лица
Повторно насмеани ќе ги видам,
Ведри како некогаш, а не бедни
И бесни на сѐ она што ги повредува.

И ти пријателе мој,
Поверен од кој било,
Ќе имаш можност да ја запознаеш ведрата јас. Среќната јас.
Те сакам.

Види

Види, секогаш ме гледаш
во обувките, никогаш право в очи.
Немаш храброст
да прдодриш повторно
до очите кои некогаш си ги лажел,
измамувал,
растажувал
до солзи,
до крв…

Види, овде (покажува со прстот),
тука ми се очите..
Таму кај што ти гледаш ништо не постои,
само патишта изминати,
трнливи,
угорнини,
долини,
вирови
со чекори тешки.
Скинати обувки, кои минале низ се’,
но без тебе…

Види, за последен пат погледни ме во очи,
а потоа заврти се
и никогаш повеќе не доаѓај.
Не на оваа адреса,
заборави ја.
За тебе не постои.
Не постојам јас.
Не постоиш ти.
Не постоиме ние.
И да…
Не заборавај да ја затвориш вратата
од надворешна страна.

Монолог

Понекогаш посакувам да пишувам за тоа како тревата е сина. Но, не користам наркотични средства. Фантазијата не ми е толку бујна, извинете.

Сигурно мислите блазе на оние што посегнале по дрогата со цел да ја разработат фантазијата на ниво на беспрекорен уметник. Не, мили мои. Срам да им е што не размислиле на време за последиците и колку луѓе ќе патат по нив еден ден. Почнувајќи од родителите, завршувајќи со детето еден ден што ќе го имаат, ако воопшто го доживеат тој момент.

Болно е. Тажно. Колку млади животи згаснуваат ради несовесност. Колку само празнина се чувствува после сѐ. Колку само недостасуваат тие насмевки кои биле искрени, од дното на душата извлечени. Како од мало детенце кое сѐ уште не го спознало Светот.

Кога другар ќе замине пред време и почнуваат да те обземаат прашања: “Зошто баш тој? Што му требаше да посигне по најголемото зло што човештвото го создало? Дали знае што сѐ пропушти?” И само си редиш одговори: “Премногу слаб беше да рече не.. Ма кое црно човештво, ова може да се нарече само најголем непријател на поимот човек.. И не, не знае што сѐ пропушти и колку сите ние би посакале пак в парк да седиме, да се смееме и тој да е со нас, можеби пропратено со некоја чаша вино.. Премногу слаб беше да се откаже на време од злото..”

И деновите ти изминуваат во монолози и размислувања како посегнале по наркотични средства со цел да избегаат од реалноста и проблемите, незнаејќи дека тоа не е решение ами нов проблем.. Да, деновите ти изминуваат во празнина и болка. Еден по еден…

Понекогаш и јас би сакала да мислам дека небото е розево и тревата лилава и тоа да го впишам на лист хартија, но никогаш не посегнав по злото за да ми ја разработи фантазијата. Извинете, мили мои.

Искрено, Змајче.